Ветеранот на глам-рокот, Брајан Фери иако навлезе во својата осма деценија се уште сосема професионално низ светот ја предава својата музика на концерти. Вчера, токму Брајан Фери по трет пат во последниве дванаесет години одржа концерт во Македонија, овојпат во новата сала на Македонската филхармонија.
Со уигран бенд зад себе – меѓу кои и неверојатниот панк-гитарист Крис Спединг, виолистката Марина Мур, саксофонистката Јорја Чалмерс, Тој на сцената на Македонската филхармонија направи извонреден концерт. Интимен и носталгичен во исто време. Концертот почна со безвремената „Slave to Love“, продолжи со добро познатите хитови од Рокси мјузик, но и неговите подоцнежни соло-албуми.
Не пречеше ниту неговата крајно предвидлива плејлиста. Рокси мјузик, бендот што Фери го основа во 1971 година заедно со Брајан Ин промовираше футуризам и авангарда. Но, Брајан Фери остана крајно симпатичен носталгичар. Неговиот глас сѐ уште е фантастично уникатен и препознатлив, помалку омекнат и почувствителен…