Од сервиси за бела техника, до Радио Рим, дистрибутивна мрежа за акцизна роба, угледен хотелиер, до денес почесен конзул на Мексико и заменик градоначалник на Скопје. Каков беше патот на еден од најпознатите бизнисмени кај нас?!

Енвер МалиќиММАГАЗИН: Како може да се раскаже накусо приказната за бизнис-подемот на Енвер Малиќи?

Роден сум во срцето на Скопје, во Старата скопска чаршија, во мултиетничко и мултирелигиозно опкружување. Иако животот и обврските ме носеа на различни страни од светот, на крајот јас секогаш се враќав дома, во моето Скопје.

Ова е градот каде што израснав, таму каде што создадов сè што имам, вклучувајќи го и најскапоценото – моето семејство. Патот до успехот за мене не беше лесен: се соочив со доста тешки моменти во кои безусловно, во секој момент ја имав поддршката од моето семејство, без кое не би бил тоа што сум денес.

ММАГАЗИН: Името на Енвер Малиќи се поврзува најмногу со бизнисот, а во последнава година сепак чекорите и во светот на политиката иако локално(заменик градоначалник на Град Скопје). Како Вие повеќе се доживувате: како бизнисмен или веќе и како политичар?

Апсолутно можам да кажам се чувствувам единствено како бизнисмен и до крајот на мојата професионална кариера така и ќе остане. Да бидам попрецизен мојата улога како заменик на градоначалникот на Град Скопје е еден вид менаџерска улога.

Како човек кој го сака својот град и каде што ги поминал најубавите моменти од својот живот, почуствував пред сè желба, но и обврска на некој начин да му возвратам на мојот сакан град.

Во оваа улога не се гледам како политичар туку како менаџер кој ќе ја искористи позицијата за да им помогне на своите сограѓани да се чуствуваат убаво таму каде што живеат и Скопје да биде она што му доликува – метропола!

Во изминатите 10 години градот постапно се уништуваше, бидејќи се градеше без да се почитуваат просторните потреби на градот. Мотивот за таквата градежна ескпанзија најмногу беше врз основа на личен интерес, без да се води сметка дали тоа ќе се наштети на градот.

Тука би ги споменал и депониите кои не функционираат со години, особено Дрисла. Во тој контекст, морам да констатирам дека не знаеме какви материјали се горат во близина на нашиот град, и како со тоа влијаат на загадувањето на воздухот.

Денес, со изменети и прецизни закони, тоа треба да биде строго контролирно. Најмногу ми е жал што неповратно е изменета и нарушена состојбата на мојот омилен дел од градот – Водно. Притоа мислам дека е уништен голем дел од зеленилото и природата на Водно.

Порано, на ова место одевме на екскурзии, како млади се собиравме и дружевме, а луѓето со семејствата тука се шетаа и релаксираа… Ми се чини дека денес тоа не е можно да се практикува како порано, поради тоа што Водно во голем дел е уништено.

Како заменик-градоначалник на Скопје, ќе се потрудам да се направат промени во инфраструктурата, ќе настојувам да бидат зголемени зелените површини во градот… Во таа смисла, го поддржувам мораториумот за градење додека не се донесат закони со кои ќе се регулира градењето на новите градби и објекти.

Ги поддржувам и решенијата за намалување на загаденоста на воздухот во градот. Пред сè, тука ќе ги нагласам планираните промени во поглед на јавниот превоз, набавката на еколошки подобни и автобуси на електрична енергија.

Ќе се заложам и за пронаоѓање решенија за депониите, промена на начинот на греење на голем број домаќинства во градот, користење на фотоволтаични панели и уште многу други работи кои ќе придонесат Скопје да биде метропола каква што заслужуваме и на која сите ќе се гордееме.

Енвер Малиќи

ММАГАЗИН: Од неодамна сте назначен и за почесен конзул на Мексико во Македонија. Во каков контекст е овој ваш нов дипломатски ангажман?

Низ мојот живот и кариера имав можност и потреба да патувам низ многу земји во светот. За време на овие патувања се сретнував со многу успешни и познати бизнисмени, луѓе и компании.

Со големиот број на познанства запознав и сопственици и претставници на компании од Мексико, а преку Стопанска комора на северозападна Македонија, каде сум претседател на надозорен одбор, бев предложен за почесен конзул на големата држава и економски гигант – Мексико.

Секако, тоа беше голема чест, но и нов предизвик за мене. Мојата улога како почесен конзул на Мексико во Македонија се надевам дека ќе и помогне на нашата земја да се постави на мапата на поголемите пазари.

Се надевам дека повеќе македонски компании ќе можат полесно да пристапат и да бидат присутни на овој голем пазар, а со тоа и да се зголеми извозот на македонските производи во оваа северно-американска држава.

ММАГАЗИН: Вашата бизнис кариера е поврзана главно со трговија и дистрибуција со акцизна стока преку фирмата Гемак, но од пред неколку години влеговте и во хотелско-угостителскиот бизнис преку хотелот „Park Hotel & Spa“ во Скопје. Колкав предизвик претставува во овој економскиот амбиент на македонското општество да се проширува бизнисот и да се стремите кон некои светски стандарди?

Јас сe водам од идејата дека е подобро да се инвестира во повеќе бизниси во еден мал пазар како што е Македонија, со цел да не зависиме од еден. Многубројни се примерите кога пропаѓа еден бизнис, што предизвикува верижни стресови и во деловниот, па и во општествениот амбиент: почнувајќи од отпуштање на вработените, па до потреси во семејството, како на сопственикот на бизнисот, така и на вработените.

Поради тоа инвестираме во повеќе бизниси во Македонија и регионот, со кои покрај тоа што ја зацврстуваме сигурноста на нашиот семеен бизнис, придонесуваме и за нови вработувања во државата, зголемување на стандардот во општеството, што секако ќе се одрази на општата слика на економијата.

Претходно заклучивме дека во Македонија недостига хотелски капацитет од овој тип, каков што е сега Парк хотел. Поконкретно, сфативме дека на Скопје му недостасува објект со повисоко ниво на ексклузивитет, услуга, изглед и светски стандарди.

Успехот на реализацијата на идејата се потврдува со фактот што минатата година хотелот заврши со искорисеност на своите капацитети повеќе од 80 отсто, а фитнес и спа – центарот на периоди дури и ги надминуваше максималните потенцијали. Оваа година таа приказна ќе добие свое проширување и дополнување, што наскоро ќе почне да се реализира.

ММАГАЗИН: Сте биле ли некогаш во искушение да „дигнете раце“ од бизнисот и да пробате некоја друга алтернатива за ваша лична и семејна егзистенција? Сте имале ли некогаш идеја, желба да имате друга професија?

Уште како млад бев многу амбициозен, можеби и малку пргав, но секогаш верував дека ќе постигнам нешто во животот. Ако човек сака нешто да постигне, мора да има некаква желба во која верува, визија, а потоа и план.

Денес, себеси се уште се сметам за амбициозна личност, која секогаш ги прифаќа и одговара на предизвиците. Без разлика колку се големи предизвиците, тие никогаш не ме обесхрабриле да се откажам од своите цели. Како млад ги читав делата на филозофите социјал-утописти, Жак Фурие и Томас Мор.

Навистина, нивната филозофија ја оценуваат како утопистичка, но настојувам една нивна премиса да ја задржам како принцип во водењето на моите бизниси. А тоа е, дека мојот деловен успех е директно поврзан со тоа почитување на работничките права.

Ако сум јас успешен деловен човек, оние што работат со мене мора да ги уживаат максимално своите права. Секогаш во моите бизнис-планови размислувам за вработените во моите фирми: да имаат добар стандард, да искористат годишни одмори, да добијат К-15…

Што се однесува до желбата за некоја друга професија, имав период во животот кога сакав да бидам професионален фудбалер и си ја пробав среќата и на тој план во Германија. Сепак, на време си ги проценив перспективите, и за среќа доволно сум реален, па амбициите и работата ги насочив кон водење и развој на бизнисот. Како придобивка од таа моја неисполнета амбиција да станам фудбалер во Германија е тоа што научив германски јазик и ја стекнав германската дисциплина во работата.

Енвер Малиќи

ММАГАЗИН: Кога ви било најтешко во водењето на бизнисот ( и во животот), а кои моменти (успеси) ви предизвикуваат чувство на гордост?

Во една долгогодишна и континуирана бизнис- кариера, како мојата која трае речиси триесет години, логично е да се соочите со предизвици кои треба да ги совладате и да продолжите понатаму. Но најтешките моменти се кога развојот во бизнисот ти го загрозуваат преку семејството. Сепак, успеав да го надминам тој период и како човек, како татко, како бизнисмен…

Всушност успеавме заедно како семејство и како фирма. Таквите моменти на заедништво и поддршка, во семејството и во бизнисот ми прават да се чувствувам горд. А она што дополнително ме прави среќен се моите седум внуци.

ММАГАЗИН: Што говори вашето искуство, постои ли бизнис-ектика или традиционално кажано – еснаф, во функционирањето на економијата во земјава?

Јас се уште верувам во еснафот. По сите овие години работа, сакам да се придржувам на етичките вредности во бизнисот и си дозволувам себеси да се сметам за коректен бизнисмен. Коректноста или еснафот, се одновната компонента за опстојување на еден долгорочен бизнис.

Навистина, се уште верувам во тоа, иако многупати сум бил измамен, излажан, па и ме сметале за наивен. Но во оваа моја триесет годишна бизнис кариера никому не сум останал должен и што се вели спијам мирно, со чиста совест.

Но не сум наивен да верувам дека во бизнисот сите влегуваат со моите принципи. Сепак, ми влева доверба и тоа што секојдневно се подобрува квалитетот на економијата, а со тоа и бизнис етиката е на повисоко ниво.

ММАГАЗИН: Кога човек во бизнисот може да смета дека е успешен?

Веројатно секој бизнисмен си има свој сопствен „праг“, според кој ја цени успешноста. Јас успешноста не ја проценувам според заработката, но секојдневно се трудам да ја задржам и да го надградам она што до сега го имам постигнато.

Моменталниот „биланс“ во бизнисот, кој мислам дека ми укажува дека сум на вистинскиот пат е состојбата на вработените во мојата фирма, кои веќе се повеќе од 300. Сите вработени земаат плата на први во месецот, временски се ангажирани според законски предвиденото работно време, прекувремената работа се плаќа соодветно…

Сатисфакцијата е што гледам дека вработените се задоволни и среќни. Мислам дека тоа е една компонента за успех во бизнисот. Друга компонента е личната сатисфакција во постигнат спокој, односно да направиш добар баланс меѓу кариерата и приватниот живот.

Во се што работам и во сите ситуации во животот сум ја имал поддршката и разбирањето на сопругата, а задоволен сум што и моите деца (двајцата синови и ќерката) се повеќе го превземаат бизнисот и ги совладуваат неговите тајни. Сега, мој предизвик и задоволство во животот претставуваат седумте внуци. Сепак, немам поставено некоја линија или праг на успехот. Се уште прифаќам предизвици.

ММАГАЗИН: Можете ли да си дозволите мигови кога не работите и размислувате за бизнисот? Што ве радува во животот, покрај успехот во работата?

Најмногу ме радува што семејството е во моја близина, децата со нивните семејства живеат и работат околу мене. По толку години труд, посветеност и работа сега сум во фаза кога повеќе ги ценам и си дозволувам приватни моменти. Секако, задоволство ми е одржувањето на долгогодишните пријателства… Ме радува и спортувањето, но најмногу скијањето – и на снег и на вода.

 

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.