Готвењето им се припишува на жените, но мажите доминираат кога е во прашање професионализмот во кулинарството.
Кога сакате да се навратите на спомените од детството, веројатно често на памет ви паѓаат игрите на улица, пиењето вода од црево, мирисот на свежа трева при остриот пад на фудбалскиот терен, првата симпатија. Но, она што најмногу и најживописно евоцира спомени, без сомнение се мирисите кои ги носи храната.
Храната, која најчесто ја готвела вашата мајка, тетка или баба во својата летна кујна, каде од илјадници зачини и рецепти, секогаш успевала да направи вистинска магија. Мирисите, а и вкусовите толку динамично успеваат да ве вратат наназад што некогаш дури можете и да ги почувствувате како ги галат вашите непца.
Денес, кога како остварен, убаво воспитан господин со манири уживате во деликатесен оброк придружен со чаша вино во отмен ресторан, веројатно ви е јасно дека зад работната површина, во кујната на објектот, меѓу жешките тенџериња, острите ножеви и егзотичните зачини, не стои ниедна баба со својата престилка, која успева да ви го направи оброкот вистинско доживување за сите сетила. Впрочем, таа не е ниту тетка, ниту мајка, ниту жена воопшто.
Магионичарите со бели капи кои креираат живописни спомени на вкусот во возрасното доба на еден џентлмен, денес се најчесто мажи. Отворете ја листата на 100 најдобри готвачи во светот Le Chef Compilation од 2018 и ќе забележите дека до 42 позиција доминира машкиот пол. Жоел Робушон, Мартин Берасатегу, Пјер Ганјер се само првите тројца од најнаградуваните 10 професионални готвачи, со најмногу Мишелинови ѕвезди во светот, кои се исклучиво мажи.
Според едно истражување од 2012 година, само 18% од професионалните готвачи се жени. Останатите бројки им припаѓаат на машките шефови на кујната. И тоа е навистина така. Ако некогаш синоним за професионален готвач била Џулија Чајлд или можеби подоцна Марта Стујард, денес првата асоцијација се Гордон Ремзи, Џејми Оливер, Рудолф Ван Вин.
Останува неопходно отворено прашањето, зошто работа која е релативно женска (дел од секојдневните обврски на жената) кога е во прашање професионалниот аранжман, е доминантно машка? Скромната претпоставка е дека одговорот се крие во страста и недостатокот на истата кога е се набљудува од перспектива на обврска.
Можеби, кога готвењето би било задолжителна неплатена работа за мажите, тие би ја изгубиле онаа страст во подготвувањето на полнета патка или специјален сос за бело месо. Фактот што имаат опција да го одберат готвењето како дел од својот живот, или целосно да го отфрлат, дава сериозна слобода да се ужива во истото без предрасуди.
Веројатно позитивната работа е што веќе во една третина од домаќинствата, мажите се оние кои готват. И тоа не повремено, кога ќе дојдат пријатели, кога се подготвува специјалетет, кога се прави скара. Не, секојдневно подготвуваат оброци за своите семејства и се вклучуваат во обврската наречена готвење.
Да се надеваме дека тоа нема да влијае врз машката пасија и страст да продолжат професионално да се развиваат како готвачи. Грев е ако не признаеме дека мажите добро готват, дека гледајќи ги на многуте кулинарски емисии со колкав ентузијазам ѝ пристапуваат на храната, неизбежно е да си помислите дека светот би бил поубаво место кога секој еден човек би чувствувал толку голема љубов кон својата работа.
Едно е сигурно, без разлика дали станува збор мажи или жени, кулинарството е уметност која постојано ја менува својата динамика и на која ѝ е потребна и женската елеганција и машката острина. А најмногу ѝ е потребна страста.
И. Царо