Отворен, фер и инклузивен – три зборови кои го опишуваат новиот град дизајниран од данскиот архитект Бјарке Ингелс за американскиот претприемач Марк Лор. Проектот е наречен Telosa и според замислите треба да биде дом на 5 милиони жители, а ќе биде изграден од нула на површина од 607 хектари во САД.

Визијата на Telosa е да се „направи нов град во Америка кој ќе постави глобални стандарди за урбаното живеење, продолжувајќи го човечкиот потенцијал и ќе стане план за идните генерации“. Проектот првично е осмислен од Марк Лор како одговор на растечката нееднаквост во САД. Неговата идеја е базирана на социоекономскиот модел на еквитизам, кој за разлика од капитализмот, е базиран на сопственост на заедницата.

„Капитализмот е одличен економски модел, но има значителни недостатоци, особено околу нееднаквоста во приходите и распределбата на богатставата. Голем дел од овие недостатоци се резултат на моделот за сопствеништво на земјиште врз кој Америка е изградена. Што ако земјиштето беше во посед на заедницата? Што ако ја земете вредноста на тоа земјиште и го вратите назад на заедницата бидејќи таа ја создаде неговата вредност?

На прв поглед делува невозможно да се врати времето наназад. Останува уште многу земјиште – што ако имавме чиста шанса да го демонстрираме овој модел. Имаме шанса да докажеме нов модел за општеството кој им нуди на луѓето повисок квалитет на живот и поголеми можности. Кога ќе замислам за 30 години од сега, замислувам еквитизмот како претставува план и основа за други градови, па дури и светот – а Telosa е нешто со што се гордеат сите кои живеат таму“, стои во изјавата на Марк Лор на веб-сајтот на Telosa.

Telosa

Првите жители се очекуваат до 2030

Планот на Лор е целото земјиште на Telosa да биде донирано на заедницата, која ќе ја користи зголемената вредност на земјиштето за да финансира засилени јавни услуги како образование, здравство, работни места и станбени простори.

Покрај тоа што ќе биде правичен нов град, Telosa исто така е осмислен од Лор и Bjarke Ingels Group да биде одржлив, отворен, фер и инклузивен. Стратегиите објавени на веб-сајтот на Telosa вклучуваат рециклирање на водата, обновливи извори на енергика, еднаков пристап до образование и тренинг и пристап до природните простори и безбеди јавни места. Рендерите кои се објавени прикажуваат футуристичка „еквитистичка кула“ која се издига среде пустина. Структурата интегрира фотоволтаичен покрив, зголемено складирање на вода и аеропнски фарми кои ќе делат и ќе дистрибуираат производи до жителите.

Улиците на Telosa ќе им дадат приоритет на велосипедите и пешаците. Бавните автономни автомобили ќе ги споделуваат улиците со луѓето и природата. Тренинг центрите, културните институции и продавниците ќе бидат на самите улици каде што јавните места ќе ги охрабруваат жителите да бидат повеќе време заедно.

Јавното подрачје на Telosa е живописно и активно со отворен простор исткаен низ густото градско ткиво. Градските паркови се замислени како места каде ќе има внимателно управувани резервоари кои ќе складираат вода за градот и ќе им овозможуваат на сите жители отворен простор на неколку минути од местото каде што живеат. Првите жители на Telosa ќе започнат да се вселуваат во градот до 2030 година.