Секоја ера со себе носи промени, а 2020 дефинитивно ни го измести социјалниот живот за 180 степени. И додека кај нас се уште се зборува на кој начин би функционирало социјалното дистанцирање во кафулињата и рестораните, креативните холанѓани изненадија со едно сосем необично и дефинитивно романтично решение. Станува збор за ресторанот Mediamatic Eten во шармантниот Амстердам, вегански ресторан лоциран во стаклена градина со поглед кон амстердамските канали кој објави дека ќе биде отворен за гости од 21 мај. Идејата е гостите да бидат сместени во посебни стаклени градини или како што ги нарекуваат тие ‘serres séparées’ кои ќе бидат опремени со маса за двајца, а доколку има потреба од трет гостин ќе се доплатат дополнителни 40 евра, за вечера за еден пак, ресторанот нуди 40 евра попуст. Локацијата нуди прекрасен поглед кон градот, а самата малечка стаклена градина прави интимна и романтична атмосфера. Ресторанот веќе направи тест како истото би функционирало.

Француски соби

Идејата потекнува од традиционалните француски ресторани во кои порано имало засебни соби кои биле посебно резервирани и кои нуделе посебна интимност на гостите. Она што се случувало во тие соби, секогаш останувало скриено од јавноста. Сепак, иако идејата потекнува од овие приватни „француски соби“, стакларниците на Mediamatic Eten ќе бидат далеку од скриени.

Mediamatic Eten
Mediamatic Eten, е дел од поголем центар посветен на природата, биологијата и уметноста во Амстердам Mediamatic Biotoop, чиј главен фокус е одржливоста. Истиот нуди органска храна од локално производство, секогаш имајќи предвид да се служат само сезонски производи од одбрани производители. Она што сега се чека е одобрување од властите, кои треба да проценат колку и дали ваквиот начин е безбеден за граѓаните, доколку се добие потребната дозвола, ресторанот ќе работи во посебно определени временски рамки, односно од 18 до 20.30 часот или од 20.30 до 23 часот. На вебсајтот на ресторанот веќе е отворена апликација за резервации, каде е напоменато дека до јуни нема повеќе слободни места, а во случај властите да не одобрат отварање на ресторанот, истите нудат целосна рефундација на средствата.

Mediamatic Eten