“Нема што да се мудрува. Ако мажот е его, жената е чувство. За да го почитуваме тоа его, хранете ги нашите чувства.“
Есин Зеќир ќе одбере професија во која треба “цврста рака“ но и разиграна мисла, креативен жар и детска љубопитност . Нејзиниот темперамент, питомата природа и животната радост која ја шири околу себе се посакувани атрибути кои ветуваат успешно диригирање со режисерската палка.
ММАГАЗИН: Режија е професија која сеуште е терен на кој доминираат мажите. Како се роди желбата и идејата за ваквата несекојдневна професионална одлука во животот?
Во одлучувачките години, кога секој тинејџер е во потрага по идеалната професија за себе, знаев дека ако не е сликарството, тогаш можеби идеалната професија за мене, ќе треба да биде тесно поврзана со визулените уметности.
Кога човек слика, го доживува чувството на губење во време и простор. Истото се случува и кога читате убава книга… Кога ќе се спојат пишаниот збор и сликањето, доаѓаме до култура која е хармонија на повеќе гранки од уметноста.
Желбата да се раскаже една приказна на поинаков и оргинален начин беше одлучувачка за моите студии. Точно е дека звучи далечно, комплицирано и машки, но среќна сум што се одлучив токму за оваа професија.
Сега гледам дека кога имате професија во која голем дел од вашите соработници се колеги, а не колешки, адаптацијата воопшто и не е тешка. Од лично искуство, можам слободно да кажам дека мажите се многу полесни за соработка, отколку жените.
ММАГАЗИН: Какво искуство носите од студенскиот живот, како девојка потпрена единствено сама на себе во еден таков меганополис каков што е Истанбул?
Одлучив да студирам во Истанбул и секоја чест за моите родители што храбро ме поддржаа во намерата. Имав среќа да бидам стипендиран студент на еден од најпознатите државни универзитети во Република Турција, а тоа е Истанбулскиот Универзитет.
Четирите години како привремен жител на градот, се чувствував како Алиса во земјата на чудата. Магијата на градот толку лесно ве заведува што доколку не знаете што правите, со кого се движите и каде гласно зборувате, може преку ноќ да ве преголта.
Ова не го кажувам наслонувајки се на застрашувачки фактори, туку само велам дека за младо девојче дојдено од мирното Скопје, Истанбулската трка за живот, изгледа доста комплицирано.
Во Турција често знаат да му посакаат среќа на секое новороденче со зборовите: Дај боже во животот да се сретнеш со добри луѓе. Студенските денови ми покажаа колку е тоа важно да универзумот те спои со искрени, добронамерни и позитивни луѓе.
Токму тоа ми се случи и сега кога се навраќам на тие денови, гледам дека и покрај тоа што живеев во женски интернат со 900 девојки, без штеќер во соба и со одредени правила, искуството стекнато претставува една голема животна школа, каде учиш дека го привлекуваш она кое што го имаш во себе. Јас ја имав вербата во добрите луѓе.
ММАГАЗИН: Какви ви се професионалните желби, цели и амбиции? Колку тие се трансформирале од студенскиот ентузијазам до искуствената секојдневнва работа?
Скоро осум години работев како реализатор во една од нашите национални телевизии на разновидни ТВ-проекти. Бидејки се вработив веднаш после дипломирањето, првите амбициозни години ми покажаа дека ентузијазмот и желбата да се твори нешто поинакво од сегашното не значи ништо доколку немате поддршка.
Како познавач на турската тв култура, сакав да ги адаптирам големите тв достигнувања на нашите мали екрани. Свесна за нерамномерната споредба, сакав да го стигнеме времето и да се збогуваме со класичната тв-шема, надминувајки ги постоечките стереотипи.
Низ годините, секојдневната работа ме транформираше во тажно-реален посматрач, кој го работи она што ќе му се понуди. За жал во мини тв сектор како нашиот, финансиите се пресудини за да се постигне посакуваниот ефект.
За среќа, и покрај тоа што сега работам како акаунт менаџер во маркетинг агенција каде работат енергични и млади креативци Идеа Лаб, истовремено сум дел од едно реално тв-шоу кое ќе почне да се емитува во следната тв-сезона.
Моментално работиме на терен, снимаме со млади, чувството да се режира нешто вакво е прекрасно. Сепак желбите не прашуваат за пари и време. Бидејки телевизиското искуство одамна го надмина филмското, би сакала да дојде денот кога локалните телевизии ќе поддржат светска идеја, со локални херои. Кој не сака да се потпише на успешно реализиран проект?
ММАГАЗИН: Дали гледате турски серии? Колку ви значат како професонално упатство?
Гледам турски серии уште од времето кога кај нас се гледаа шпанските. Можеби на почеток тоа беа некои детски серии, но подоцна гледав сè и сешто. Од секогаш сакав да водам евиденција која телевизија кои серии ги прикажува и кои денови се прикажуваат најгледаните серии…
Сèуште влегувам дома и од навика веднаш го вклучувам телевизорот. Можам слободно да кажам дека оваа навика има огромно влијание на професијата која ја одбрав.
Иако кај нас има едно општо познато мислење дека турските серии се таканаречени ‘тралалајќи’, станува збор за огромен сектор во кој секоја сезона среќата си ја пробуваат над двесте различни серии, со огромни буџети, гигантски продукции и квалитетни приказни.
Борбата за рејтинг е претворена во војна на световите, така што, мислам дека турските серии се многу повеќе од она што моментално се сервира на нашите екрани.
ММАГАЗИН: Како млада девојка, сеуште без семејни обврски, на што највеќе сакате да ги трошите своите слободни младешки мигови?
Како со професионалниот, така и со приватниот живот, ја барам разиграноста во секојдневието. Безгрижно возам ролери, купувам книги, посетувам нови градови, сликам, фотографирам и слушам радио на најгласно.
Она на кое постојано мислам е патувањето. Но кој не сака патувања? Сепак некогаш станува комплицирано. Имам пари, немам време. Имам време, немам пари. Имам и пари и време, но немам со кого…
Затоа, кога ќе се усогласат сите три фактори, сè што ми треба е ранче со основни потреби и одам… Како беше тоа? Кој е по мудар? Оној што многу учи или оној што многу шета?
ММАГАЗИН: На што највеќе се радувате? Што ве прави среќни? Што им дава боја на Вашите денови?
Секој има своја комфорт зона. Мојот карактер не дозволува големи отстапувања од навиките и чекорење кон големи ризици, затоа со години сум верна на мојата комфорт зона која е составена со за мене најпозитивните луѓе на светот, моите пријатели.
Не сме билка за да живееме во посебни саксии и затоа сакам и се трудам да ги ценам меѓучовечките односи. Во време кога луѓето се почесто користат антидепресани, се трудам да се заштитам со моќта на пријателството.
Точно, сите имаме пријатели, но колку умееме да го подаруваме своето време? Дел од нив се мајки, жени, кралици, дел се колеги кои ги чувствувате како семејство и дел се пријатели од детство. Сепак, највеселите нијанси од мојот живот за сега се Еџе и Ефе, внуците со кои што чувствувам дека растам одново.
ММАГАЗИН: Верувате ли во судбински дадености или во склоп на околности?
Верувам во среќна ѕвезда. Верувам во убави намери. Во моќта на скромноста. Во позитивно мислење. Верувам во дела, не зборови. Мали дела, непромислени, непланирани…
Нема случајности, според мене. Сплетот на околноси сигурно е поврзан со нешто од минатото и ве води кон нешто во иднината. Моите родители како чесни и успешни луѓе, ме научија дека сè е до намерата.
Ако имаш добри намери, какви и да се моменталните околности, нема да бидеш губитник. Судбината ќе ти покаже дека твоите намери се твојот живот.
ММАГАЗИН: Како ги доживувате денешните мажи. Постои ли разлика во манирите и однесувањето меѓу повозрасните и помладите? Како би ги „изрежирале“ Вие по мера на современата жена?
Космополитскиот феномен за лесна достапност, не направи алчни, нескромни, сепак потајно осамени. Таа осаменост ја храниме со лајковите на нашите профили низ социјалните мрежи, при што не обрнуваме внимание на вистинските вредности. Затоа, како за мажите, така и за жените, можам да кажам дека новиот милениум не се покажа како дарежлив во однос на манири.
Скоро и да заборавивме што значеше тоа манир. Со секоја чест за исклучоците, имам впечаток дека повеќето мажи не го сметаат тоа за скалило за освојувањето на женското срце. Несвесни дека манирите се супермоќ.
Да ја имав таа моќ, би ја исклучила електричната енергија за извесен период, каде после депресијата со која ќе се соочиме, ќе се присетиме на времињата кога не ни беше важно што јадевме, туку со кого јадевме.
Кога ќе знаеме колку е важно кога некој ви го подарува своето време, не скапиот часовник. Кога ќе престанеме да се трудиме да се претставиме како секси или паметни, туку ќе бидеме свои.
Би режирала свет без фотошопирани, вештачки животи. Реален, искрен а сепак забавен. Токму како што би сакала да биде и денешниот современ маж.
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.