Изминативе години, машката мода еволуираше многу чудно. Тесни припиени фармерки, долги маици прошарани со чудна комбинација на бои, одела кои личат на се, само не на одела и кратки панталони кои одат далеку над вистинската должина. Да не зборувам за трендот на носење флуоресцентни бои и скинати фармерки.
Новата мода би можела да ја анализирам до недоглед, но заклучокот ќе биде секогаш ист – нема ништо попривлечно од маж кој негува префинет стил и кој дефинитивно се држи настрана од unisex трендовите. Да не бидам сфатена погрешно, идејата не е младите момци да се облекуваат како возрасни мажи, ниту пак мажите да го негуваат стилот на своите татковци. Напротив, станува збор за некои основни правила на облекување кои се безвременски и секако парчиња облека кои се задолжителни за машкиот плакар.
1. Изгледот е важен
Без разлика колку се елоквентни, образовани, забавни или начитани, првиот впечаток кој го оставате кога влегувате во просторија полна со луѓе е токму вашиот изглед. На прв поглед делува површно или можеби снобовски, но факт е дека луѓето се визулени суштества.
Колку и да сте прекрасна личност, прво нешто кое луѓето ќе го забележат ќе биде вашата облека. Секако, истата не значи дека мора да биде скапа или не дај боже со огромно лого од брендот, туку едноставно чиста, прикладна за моменталниот настан и најважно од се, да биде погоден бројот. Се што е претесно или прешироко, остава впечаток на неумесност.
2. Негувањето добар стил е лесно, доколку имате добар систем
Прво исфрлете ги сите парчиња облека кои ви се претесни, прешироки, оштетени или изработени од лош материјал. Потоа направете листа на парчиња облека кои неопходно треба да ги поседувате (види точка 10), обратете внимание се што планирате да купите, да одговора или соодветствува со парчињата облека кои веќе ги поседувате.
Направете комбинации однапред, за да го избегнете моментот „немав време, па го облеков првото што ми падна во рака.“ Исто така важно е да ја чувате облеката подготвена за носење – кошулите пеглајте ги веднаш по перењето, како би биле подготвени за носење секогаш кога ќе ви притребаат. Користете ролер за отстранување на влакната од облеката и никогаш, ама буквално никогаш не излегувајте од дома со валкани чевли. Ништо не може повеќе да ви го уништи стилот од валкани чевли.
3. Преферирајте квалитет пред квантитет
Имате три опции – да ги потрошите парите на дизајн, на бренд или на квалитет, а по квалитет се мисли на материјал, изработка на парчето облека и секако како Ви прилега. Кога ги имате овие три опции пред вас секогаш одберете ја третата и секако научето го вашето дете како да препознае квалитет.
Тука се кохезира естетиката со практичното – добро изработено парче облека не само што изгледа добро, туку и трае долго. Не сакате вашата облека да изгледа евтино, ниту пак да ја изгуби цврстината после првото перење. Секогаш имајте на ум пред да купите парче облека дека треба да го проверите составот на материјалот и изработката.
4. Водете грижа за облеката
Корекцијата е секогаш поевтина од поправката, а ова води кон фактот дека треба да имате умешен кројач кој секогаш ќе ви биде при рака, за корекција или поправка. Нешто слично како со омилениот автомобил. Водете грижа за облеката, перете ја онака како што пишува на етикетата, внимателно диплете ја, уредно редете ја во плакар и некогаш не ја оставајте предолго да се суши на сонце.
Водете сметка и за облеката која бара исклучиво хемиско чистење и онаа која смее или не смее да се суши во машина за сушење. Ако забележите дека некаде е оштетена (на пример поставата од сакото, јакната или внатрешниот џеб на фармерките или пантолоните) веднаш однесете ја на корекција пред да стане непоправлива. Што мислите како безвремените парчиња облека од вашиот татко се уште се во нослива состојба?
5. Совршено скроено одело
Добро облечениот маж секогаш знае дека одело скроено по мерка не се споредува со одело купено од продавница. Потпрете се на добар кројач кој вистински ја знае својата работа, личниот однос со кројачот ќе ви помогне да го добиете токму она што го сакате и она што најдобро би ви прилегало.
Личниот момент, рачната изработка, земањето мерка и добро избраниот материјал се полн погодок. Имајте на ум дека кројачот ќе ви посочи кога станува збор за должината и ширината, па бидете сигурни дека нема да направите грешка, како кога би купувале од продавница. Не заборавајте, оделото е нешто кое не се купува секој ден, па токму затоа не штедете кога станува збор за истото.
6. Внимавајте на пригодата за која се облекувате
Исто како и кај жените, така и кај мажите важи правилото – подобро е да си дотеран, отколку да се најдеш во фамерки и маица на настан каде се бара смокинг. Но, тоа не значи дека смокингот треба да се носи на работа. Токму затоа многу е важно да се запази дрес кодот кој секоја пригода го налага.
На работа е неумесно да се појавите во тренерки или фармеки и блузон (освен ако не работите од дома), исто како што е неумесно на прошетка во парк да носите одело. Секогаш внимавајте како ги комбинирате боите и парчињата облека. Секогаш држете се до неутрални бои и сигурни комбинации. И никогаш не треба да ви е непријатно доколку сте најдобро облечениот маж во просторијата.
7. Облеката влијае на мајндсетот
Вистина е тоа дека треба да се облечете за работата која ја посакувате иако во моментот можеби и не сте на таа позиција (нели, освен ако не претендирате да бидете астронаут, во тој случај не е препорачливо на работа да се појавите во целосен астронаутски костим).
Психолозите велат дека облеката и тоа како влијае на потсвеста. Доколку работите од дома, во тренерки и забележите дека продуктивноста ви е намалена, обидете се да се облечете како да сте на работа, фокусот веднаш ќе ви се промени. Доколку сакате повисока позиција, облекувајте се како оние што веќе се на таа позиција. Првиот чекор кон напредокот тргнува токму од она како се чувствувате.
8. Добриот стил бара пракса
Никој не се родил со совршено истенчен вкус, токму затоа е важно родителите да ја пренесат својата мудрост на детето. Секој пат кога купувате облека, носете го вашиот син со вас, така ќе стекне чувство за одбирање и купување квалитетна облека.
Доколку и вие се уште го градите вашиот стил, важно е да знаете дека некогаш и да згрешите не е крај на светот, најдете идол во некој софистициран маж – без разлика дали е јавна личност или некој од вашето опкружување и трудете се да го достигнете, па дури и надминете неговото ниво.
9. Задолжителни додатоци
Не ја потценувајте важноста на добрите додатоци. Не запоравајте во вашиот стил да вкучите елегантни манжетни, дискретно марамче во џебот на оделото, ремен кој соодветствува со бојата на оделото или чевлите, часовник, марама или кравата, квалитетни и класични очила за сонце кои совршено ви прилегаат и секако чевлите. Чевлите секогаш мора да прилегаат на облеката.
10. Парчиња облека кои треба да се најдат во вашиот плакар
Класична бела кошула. Всушност, кога ќе најдете кошула која совршено ви прилега, купете неколку. Тоа е основното парче облека, кое може да го комбинирате со фармеки, одело и смокинг.
Квалитетни фармерки. Заборавете на припиените фармерки, фармерките со огромни џебови или скинати. Држете се до класиката. Levis 501 во сите можни нијанси!
Обична маица. Бела, црна и сива. Памучна, не многу тесна ниту широка. Одлично ќе прилега во комбинација со фармерки и патики, тренерки или под откопчана карирана кошула за комплетен кежуал изглед.
Бомбер јакна. Одлична е за секоја сезона, а во комбинација со авијатичарски Ray Ban, ќе доловите целосен Том Круз ефект.
Тегет одело. Зборува само за себе, нема потреба од објаснување.
Тренч палто. Црно или крем. Несомнено ќе направи да изгледате софистицирано и елегантно.
Квалитетни кожени чизми и чевли. Буквално нешто кое е неопходно кога станува збор за чевлите. Внимавајте при изборот на бојата. Држете се до основните и неутрални бои.
Спортско сако. Одлично прилега со фармерки и спортски чевли. Кога сакате да бидете дотерани, но не предотерани. Плус одличен избор за секој ден.
Бели патики. Одат буквално со се!
Поло маица. Нема ништо подобро за летните денови од поло маичка. Држете се до еднобојните или оние со линии. Настрана од неконвенционални патерни.
Каки пантолани. Бидејќи не може да носите фармерки секој ден.
Тексас јакна. Кога ќе се чувствувате бунтовно.
Карирана кошула. Со белата маица и Levis фармерките. Ноншалантноста секогаш пали!
Џемпер со копчиња. За интелектуален ефект.
Совршено скроен капут. Крем, црн, сив и тегет. Внимавајте на должината!
Пишува: Лилит
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА ММАГАЗИН. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.