Режисерот на новиот филм за „Темниот витез“, Мет Ривс, пред извесно време објави тизер со кој го привлече вниманието на јавноста, а во фокусот се Роберт Патинсон кој ја толкува главната улога во The Batman, како позира крај „мускулестиот“ Batmobile. Сега, фотографиите од концептот нудат уште подетален поглед кон нaјновото издание на автомобилот на темниот суперхерој.

Twitter профилот TheBatRobert сподели фотографии кои на кратко беа постирани на веб-страницата на скулпторот Џеф Фрост, пред да бидат симнати и повлечени. Треба да се земе предвид дека Џеф Фрост во својата кариера работел на големи блокбастер филмови, меѓу кои и Batman v Superman: Dawn of Justice.

Покрај малите разлики во осветлувањето на елементите на задниот дел и аспираторот на автомобилот, концептното возило е мошне слично со ниско поставеното купе кое режисерот Ривс го сподели со јавноста претходно оваа година.

Со вентилирачката хауба и големиот мотор поставен на задниот дел, овој Batmobile се чини дека има повеќе заедничко со некој специјално и рачно изработен hot rod автомобил, отколку со военото возило со фестониран оклоп кој го возеше Кристијан Бејл во улогата на Batman како дел од The Dark Knight трилогијата на режисерот Кристофер Нолан. Други пак направија споредба со модифицираниот Ford Lincoln Futura кој беше дел од „олд скул“ Batman телевизиската серија со Адам Вест.

Во секој случај, најдобриот поглед врз новиот Batmobile најверојатно ќе го добиеме преку трејлер видеата кои ќе започнат да се појавуваат наскоро како најава за The Batman филмот кој ќе пристигне во кината на 1 октомври 2021 година.