Денес во МКЦ со почеток во 21 часот (сала Фросина) ќе се одржи концертна промоција на новиот албум на БАКЛАВА насловен „IV“. За ова издание бендот изјави:

„Четворката е новиот албум! По неколку години создавање конечно излегува четвриот албум на групата Баклава. Јубилеен со своите четири страни. Богат со 13 песни, огромна екипа, различни жанрови и е вртење сосема нова страница.
Создадовме светска музика. Вложивме многу. И мака и љубов. Сметаме дека ова е најдобриот албум што сме го направиле до сега и сме многу благодарни на сите што го градеа со нас и сите што го поддржуваа на каков било начин.
Ова ремек-дело е наше дете. Без разлика дали тоа ќе ви биде смешно или раздразливо, ние го сметаме за свое, исто како да сме го родиле. И можеме да ви порачаме, дека покрај тоа што ги сакате вашите деца, и покрај тоа што ве радуваат или нервираат додека растат, чувајте ги. Чувајте ги додека можете. Дајте им корен и дајте им крилја…
Описно, овој колоритен албум е создаван на концептот на бои. Секоја песна е посветена на конкретна боја, претставена преку музиката и стиховите. Сликата што ќе ја добиете слушајќи ги, е токму она расположение што ви ја предзвикува некоја од 13-те бои: TURQUOISE (Тиркиз), ПУРПУРНА, CHOCOLATE (Чоколада), РУЗМАРИН, ПЕНДОЛИРА, СИНА, РУБИН, СРЕБРЕНА, СИВА, БЕЛА, НЕВЕН, ФЛАМИНГО, СЕНКА.
Пеено е претежно на македонски јазик, но тука и таму има и понекоја строфа и на турски, хрватски, влашки, латински… Музиката на скоро сите песни ја напиша Елена Христова. А стиховите Сибо. Отсвирено е на многу инструменти, а свиреа големи мајстори.
Се снимаше во различни студија: “Tralala”, “Enterprise”, “Alshar”, “Chicken Madness”… Елена, која најчесто беше и аранжер, покрај неа беа и продуцентите Мите Димовски, Тино Скендеровски, Ивица Јанкуловски, Andreas Hz, Дарко Спасовски, Горан Кан, Бојан Угриновски… Мастерингот за LP на крај го направи Мите Димовски.
Фантастичниот дизајн на омотот и целата естетика воопшто е на Нерсес Малакјан. Огромна благодарност им должиме на Арс Ламина и Берин, кои ќе застанат зад материјалното издание во облик на грамофонска плоча.
И на своите најблиски што издржаа и поддржаа. Ова е голема тема, за да ја објасниме монохроматски. Слушајте и уживајте. Четворката не е само звук“.