Од „Air New Zealand” до „Mandarin Oriental” авиокомпаниите и хотелите ширум светот работат на елиминирање на пластиката за еднократна употреба. Луксузниот хотелски ланец „Mandarin Oriental” во октомври 2019 година изјави дека планира да се ослободи од целата пластика за една употреба до крајот на март 2021 година.

За почеток овој ланец на хотели ги замени пластичните шишиња за вода во бањите, рестораните и фитнес центрите со станици за свежа вода, собите ги опреми со биоразградливи четки за заби, чешли и капи за туширање. Ова е само еден пример за тоа како патничката индустрија се фокусира посериозно на одржливоста во новата деценија.

Главен предизвик е постигнување на целосна елиминација на пластиката за еднократна употреба додека се одржуваат луксузните стандарди на услуги во секоја индустрија. Intercontinental Hotels Group во јули минатата година објави дека годишно, 200 милиони мали шишиња за шампони, балсами и гелови за туширање направени од пластика ќе бидат отстранети и заменети со поголеми амбалажи направени од друг материјал кои ќе може да се надополнуваат.

Некои од хотелските ланци и помалите хотели одамна се вратија на садовите изработени од керамика. Патувањето без употреба на пластика е иднината. Забраната за пластика за еднократна употреба ја воведе и Калифорнија во октомври 2019 година, каде законодавците го одобрија законот со кој се спречуваат хотелите во државата да користат пластика.

пластика

Авијациската индустрија го разгледува и проблемот со отпадот. На пример авиокомпанијата „Air New Zealand” ги замени чаши за еднократна употреба со чаши направени од бисквити кои можете да ги јадете. Во мај 2019 година компанијата Qantas полета на „првиот лет со нулта отпад“ благодарение на биоразградливи алтернативи.

Austrian Airlines заедно со нивните партнери од нафтената индустрија ги здружија силите во борбата користејќи ги пластичните чаши во создавање на нови горива. Во време кога научниците велат дека 91 процент од пластика не е рециклирана, а микропластиката го пронајде својот пат до океаните и дигестивниот систем на организмите, напорите на патничката индустрија сигнализираат промена во приодите на компаниите и клиентите за намалување на пластичниот отпад и заштита на нашата Земја.