Aston Martin во соработка со британската технолошка компанија Curv, го подготви AMR-C01 луксузниот тркачки симулатор. AMR-C01 делува како вистински Aston Martin кој ќе можете да го паркирате во својот дом.

Симулаторот е направен со целосен карбонски монокок, а неизоставен дел е и решетката која се наоѓа кај тркачките автомобили на Aston Martin. Позицијата на седење е иста како кај новиот суперавтомобил на компанијата, Aston Martin Valkyrie.

„Ова беше предизвик за дизајнерскиот тим со оглед на тоа дека иако симулаторот не е автомобил, сепак е инспириран од нашите тркачки возила. Требаше да ја поседува истата елеганција, да се одлкува со истите динамични линии и баланс на пропорции како и секој Aston Martin. Можам да го замислам AMR-C01 во најубавите резиденции како скулптурно ремек-дело на еден свој, поинаков начин“, изјави креативниот шеф на компанијата, Марек Рајхман.

AMR-C01

Британската компанија го искористи и искуството на трикратниот победник на Ле Ман со Aston Martin, Дарен Тарнер, кој е специјалист за тркачки симулатори. AMR-C01 се одликува со Samsung екран и управувач во стилот на Formula 1 болидите за целосно искуство.

Aston Martin веќе прима нарачки за AMR-C01, а почетната цена е 57.500 фунти. Само 150 примероци од овој симулатор ќе бидат произведени, па секој оној кој има можност да си постави тркачки симулатор од Aston Martin во својот дом ќе мора да побрза.