Приказната зад првиот јапонски хиперавтомобил Aspark Owl пред се е дека го нема истиот „хајп“ како автомобилите кои доаѓаат, на пример, од брендови како Bugatti или McLaren. Барем таков беше случајот се додека маркетинг тимот на компанијата не објави едно навистина лудо видео во 2018 од прототипот кој е направен целосно од карбон и достигна забрзување од 0 до 100 километри на час за само 1,9 секунди.

Aspark Owl

 

Оттогаш до сега, многумина не веруваа дека Owl всушност ќе пристигне на патиштата, но 2021 се чини дека ќе биде годината во која производителот од Осака ќе го оствари сонот на секој зависник од адреналин и брзина, па конечно ги отвори и своите нарачки за автомобилот кој треба да го има најголемото забрзување на светот.

Како што веќе напоменавме, од место до „стотка“ Aspark Owl стигнува за 1,9 секунди, што е навистина пребрзо. Целосно електричниот хиперавтомобил добива 2.012 КС и 2.000 Nm вртежен момент од својата поставка која се состои од четири електромотори кои се напојуваат од 64 kWh литиум-јонската батерија. Овој луд тајминг ги надминува ривалите како Lotus Evija и Rimac C_Two.

Максималната брзина е ограничена на 400 километри на час, а според податоците, со едно полнење на батеријата можат да се поминат 450 километри. Но, тоа треба да се земе со доза на резерва, бидејќи ретко кој ќе ја вози оваа „ѕверка“ според пропишаните мерки.

За Европа се наменети само 20 примероци

Она што го разликува производствениот модел од концептот кој беше прикажан на Салонот во Франкфурт во 2017 година се ретровизорите, поинаквата форма на страничните прозорци и активниот заден спојлер. Панелите од каросеријата направени од карбон се задржани, како и хидрауличниот систем на потпирање, а внатрешноста е „супер луксузна“.

Aspark Owl

Aspark оттогаш го отвори својот прв официјален продажно-изложбен салон во близина на своето седиште во Осака, со Owl како главна атракција. Но, тој ќе биде само првиот од серијата автомобилски проекти кои ќе бидат претставени од оваа марка. Во меѓувреме, дилерите во Северна Америка и Европа се подготвени за продажба, а наскоро ќе пристигне и на Блискиот Исток.

Aspark Owl воопшто нема да биде евтин. Благодарение на својата врвна технологија и импресивни перформанси, цената ќе изнесува 3,56 милиони долари. Исто така, ќе бидат произведени само 50 примероци на Owl, од кои 20 се наменети за Европа.