И покрај сите шпекулации кои се појавија во изминатиов период, постојат неколкумина стручњаци кои веруваат дека електричниот автомобил на технолошкиот гигант Apple, наречен Apple Car, би можел да биде претставен до крајот на оваа година.

Познатиот јапонски хемичар Акира Јошино, пронаоѓачот на првата безбедна, погодна за производство литиум-јонска батерија, неодамна зборуваше за „офанзивата“ на Apple во автомобилскиот свет во интервјуто со Reuters. Разговарајќи околу можностите и приликите, Јошино истакна дека „Apple би можел да ја предводи конвергенцијата на автомобилската индустрија и информатичката технологија во мобилноста на иднината“.

Apple Car

Зборувајќи и за местото на Tesla и Apple во индустријата на електрични автомобили, Јошино ги откри и своите верувања дека би можеле да дочекаме Apple Car да биде претставен подоцна оваа година.

„Tesla си има своја независна стратегија. Оние на кои треба да внимаваме се Apple. Што ќе направат? Мислам дека би можеле да најават нешто наскоро. А каков автомобил ќе најават? Каков вид на батерија? Веројатно би сакале да го доведат својот автомобил околу 2025 година. Доколку го направат тоа, мислам дека ќе мораат да најават нешто до крајот на годинава. Тоа е само моја лична хипотеза“, изјави Јоширо.

Затишје пред бура

Во последните месеци Apple го подготвува теренот за сериозна офанзива на автомобилскиот пазар. Планот за автомобил постои од 2016 година, а кога многумина помислија дека истиот е избришан, се појавија шпекулации кон крајот на минатата година дека Apple се нема откажано од своето возило и дека првиот автомобил на компанијата би можел да пристигне во 2024 година и дека истиот ќе се одликува со најнапредните технологии, пред се самовозачките способности. По ова пристигнаа најавите за соработка со Hyundai и Kia околу развојот на автономната технологија, како и можноста за Apple да инвестира сериозни суми во некој од двата корејски производители, кој потоа би го произведувал автомобилот за Apple.

Засега се уште нема ништо конкретно, но онаму каде што има чад, има и оган.