Вистина која секој претприемач сам ја осознал!
Во денешата светска економија, претприемаштвото се смета за клучниот фактор во развојот на планетава. Претприемач е оној кој организира, менаџира, ги предвидува ризиците и креира нова економска иднина. Едноставно кажано, му додава вредност на нешто што вреди десет единици и создава можност да го продава за сто.
Повеќето читатели и интервјуирани на овој магазин се претприемачи. Секој од нив го доживува овој поим различно. Претприемач е оној кој знае да ја препознае ситуацијата, едноставно кажано- оној што знае да купи за 10 и да го продаде истото за 100, со тоа што ќе му надодаде одредена вредност.
Менаџер е оној кој го организира процесот или фирмата за тоа да се доведе до финалниот стадиум. Толку е просто. Претприемач и менаџер не е исто. Многумина кај нас ги мешаат поимите претприемач, менаџер и сопственик.
Токму поради ова и многу од фирмите не бележат раст и развој. Најчесто сопствениците на компаниите кои успеале со развој на одредена идеја да постават темели за добар бизнис, киксираат кога бизнисот ќе почне да се зголемува изедначувајќи го претпримаштвото со менаџментот.
Што би требало да знае еден претприемач пред да започне со бизнисот?
Неколку работи:
Оној што работи од 9 до 5, дури и оние кои работат како фриленсери имаат некој над нив за кого работат. Претприемачот тоа го прави сам за себе. Колку и да е ослободувачко чувството, секој кој започнал свој бизнис знае колку е тоа застрашувачко.
Претприемачот е алфа и омега на својот бизнис. Да се потпреш сам на себе е огромен предизвик. Да си ја земеш судбината во свои раце е храброст, но и огромен товар.
Тоа се многу непроспиени ноќи, месеци во кои нема приход, одговорност кон другите луѓе околу вас и огромна психичка сила за да се продолжи понатаму. Од друга страна пак, успехот кој може да се постигне ако се склопат сите коцкички, му дава цел на животот и исполнетост на секој оној кој се нафатил да биде претприемач.
За да се биде претприемач не треба да се биде многу интелигентен. Во основа, има неколку фактори кои го одредуваат успешното претприемаштво. Пред сè, напорна работа. Снаодливост, добар нетворкинг и голема креативност. Сиве овие се категории на карактеристики кои не се нужно поврзани со природната интелигенција.
Повеќе би рекле, имаат врска со емотивната и социјалната интелигенција. Од сите овие карактеристики, најзначајна е креативноста. Уметност е да ги поврзеш бизнис размислувањето и креацијата. Од една страна е потребна голема дисциплина и структуираност, а од друга страна треба да се има способност за отворање на широки видици за новите можности.
Од ова е јасно, зошто, главна карактеристика на секој претприемач е креативноста.
Креативноста овозможува да се препознаат можности и онаму каде никој друг не може да ги види. Во денешниот свет на глобализација и дигитализација пазарите се отвораат и цел свет е еден голем пазар. Потрошувачите имаат пристап до секој продукт од било која страна на светот.
Па како еден претприемач би се снашол во оваа поплава од понуди и би се издвоил од другите? Тука стапува на сцена креативноста. Секогаш постои можност да се направи нешто различно и иновативно. Креативноста е едноставно, имагинација.
Способност да се сонува или она што го нарекуваат – размислување „outside the box“. Веројатно, чувството на успех кога ќе се постигне вакво нешто е и главната мотивација претприемачите секогаш да остануваат да се борат за своите идеи и да одат напред.
Но претприемаштвото има и темна страна. За да се постигне успех треба да се поминат многу маки и проблеми, да се соочуваш со падови и загуби и повторно да имаш сила да се издигнеш. До неодамна, признавањето на ваквите чувства беше табу тема.
Наместо да покажуваат ранливост, бизнис-лидерите го практикуваат тоа што социјалните психијатри го нарекуваат управување со впечатоци – исто така познато како „fake it until you make it“.
Во текстот на Џесика Брудер – „Психолошката цена на претпримаштвото“, статија која ја освои наградата во категоријата „Лична служба“ во Годишниот награден конкурс за 2014 година на Њујорк, во поглавјето на Друштвото на професионални новинари, таа го анализира психолошкиот хорор кој го преживуваат прептриемачите.
Таа вели: „Претприемачите се борат тивко. Без разлика на психолошката шминка, големите неуспеси во бизнисот можат да удрат силно. Дури и искусни претприемачи имаат изгубено тло од под нозете. Претприемачите често пати жонглираат многу улоги и се соочуваат со безброј неуспешни обиди, спорови со партнери, зголемена конкуренција, проблеми со персоналот – сето тоа додека се мачат да направат платен список“.
„Постојат трауматски настани по должината на линијата”- вели психијатарот и поранешен претприемач Мајкл А. Фримен, кој го истражува менталното здравје и претприемништвото. Затоа, не треба да биде изненадување што претприемачите доживуваат поголема анксиозност од вработените.
Во последниот Индекс на благосостојба на Галуп-Здравје, 34% од претприемачите, 4% повеќе од другите работници, пријавиле дека биле загрижени и 45% од претприемачите велат дека се под стрес, 3% повеќе од другите работници. Овие состојби може да вклучат депресија, очај, безнадежност, безвредност, губење мотивација и самоубиствено размислување.
Од сево ова може да се изведе заклучок дека како претпримач секој може да го достигне врвот и да ужива во прекрасното чувство на својот личен успех. Но исто така, треба да се заклучи дека не може секој да прифати дека патот до успехот е трнлив и напорен.
Само најхрабрите и најупорните можат да го постигнат тоа.