Легендарниот Formula 1 возач и поранешен шампион, Алан Прост, не е задоволен од, како што вели, глупавите потези кои ги прават голем број европски влади, а кои се однесуваат на забраната за продажба на бензински и дизел автомобили, со што се ризикува уништување на европската автомобилска индустрија и ја оставаат Formula 1 да се соочи со тешки одлуки во иднина.
„Кога ме прашувате за Formula 1, јас секогаш го велам истото: водете сметка најпрво за автомобилската индустрија, па F1 ќе биде навистина здрава. Јас се залагав за нив, турбо-хибридните мотори. Дури првиот проект подразбираше четирицилиндричен агрегат, сетете се, бидејќи сметавме дека тоа е најблиску до сериските автомобили кои ќе ги имаме во иднина, со турбо полначи. Меѓутоа, тоа не помина во Formula 1, морам да бидам искрен. На фановите таа идеја не им се допадна“.
Французинот истакна дека постојат две потенцијално целосно различни патеки кои Formula 1 може да ги заземе долгорочно – да се оди на V8 или V12 поради атракција, или да се направи обид за форсирање на целосно нови технологии, како што е водородниот погон, со цел да се одржи чекорот пред автомобилската индустрија.
„Не сакаме електрични болиди, бидејќи веќе ја имаме Formula Е, а и самите знаете колку ќе биде тешко за оваа серија во иднина. Многу е тежок развојот поради патеките, поради технологиите и парите. Која технологија е вистинската за Formula 1 во иднина? Тешко е да се знае тоа. Од една страна, а тоа не е мојата позиција, се враќаме на V12 моторите и имаме глобална поддршка од страна на фановите.
Од друга страна, одиме на водород и во рок од 10 години ќе имаме поинаква филозофија. Зошто да не? Меѓутоа, кој ќе ја донесе таа конечна одлука? Тоа е мошне тешко, но треба да се поставува тоа прашање. Треба да разговараме за одржливоста цело време – што е тоа што можеме да го направиме, но технологијата е навистина, навистина тешка. Не можеме, како во времето кога јас возев Formula 1, едноставно да се следи трендот во автомобилската индустрија. Денеска тоа е многу потешко.“- заклучи поранешниот француски Formula 1 возач Алан Прост.