Следната година ќе биде лансирана тркачката серија за летечки автомобили наречена Airspeeder, управувани електрични мулти-хеликоптерски возила кои достигнуваат брзина и до 200 километри на час. Основачот и директор на Airspeeder, Мет Пирсон, објаснува како сето ова ќе функционира.

Компанијата која стои зад натпреварувањето, Alauda Aeronautics, се обидува да ги развие првите Airspeeder возила со целосна големина и човечки екипаж, кои треба да бидат завршени подоцна во текот на оваа година, или почетокот на идната. Напојувајќи се со електрични батерии, тие ќе полетуваат и слетуваат вертикално, користејќи до осум пропелери за да летаат со максимална брзина од 200 километри на час. Максималната тежина, заедно со пилотот, ќе биде 250 килограми. Секоја батерија треба да овозможи околу десет минути време за летање. Пилотите ќе ги минуваат возилата во редовни пит-стопи.

 

Alauda развива и систем за избегнување на судир со голема брзина со цел да се осигура безбедноста на пилотите кога повеќе возила истовремено се тркаат. Ова вклучува и радари, лидар систем и Machine Vision систем. „Да се стават повеќе возила во воздух истовремено е незгодно“, вели Пирсон. „Дури и со автономни возила на терен, тешко е да се погоди бидејќи компјутерите мораат да носат одлуки многу брзо. Но, во тркачки околности, имате прилично контролиран курс и имате можност да направите сите возила да соработуваат едни со други, така што доколку се случи инцидент или ако пилотот забави или има сообраќаен метеж на патеката, сите се свесни за тоа. Ова е нешто што мислиме дека ќе ги револуционизира автономните возила на теренот. Тоа технологија која ќе ги направи летечките автомобили во реалност во нашите градови во иднина“.

Airspeeder

Живописни локации за тркање

Засега, двете потврдени места за овие трки се Мохаве пустината во Калифорнија и пустината крај Кобер Педи во Јужна Австралија. Пирсон вели дека се во потрага по понатамошни потенцијални места за тркање на секој континент, со исклучок на Антарктикот. „Тоа зависи од состојбата во светот. Сакаме да направиме најмалку три трки во првата сезона. Потоа ќе започнеме со проширување“.

Летечките автомобили вклучуваат и напорни преговори со локалните власти. „Ние ги создаваме овие навистина прекрасни егзотични локации, зачинети со арома на научна фантастика, давајќи им можност на луѓето да ја искусат иднината која ја очекуваме“, објаснува Пирсон. „Освен тоа, од безбедносни причини, добро е да бидеме во контролирана околина, каде што ќе можеме да направиме патека и трка без пречки. Пустините, островите, местата во близина на езера и водните тела се добри локации. Обично, доколку се срушите, сакаш да се спуштиш на нешто што ќе го ублажи ударот“.

Пирсон предвидува неговите возила да се тркаат ниско и блиску до земјата минувајќи низ воздушни порти, слично на она што го прават пилотите на авионите во воздушните Red Bull трки, на пример. „Ние исто така сакаме да го искористиме пејзажот, затоа бараме навистина интересни локации со природни одлики околу кои ќе се тркаме“, додава тој. „Кањоните и стрмните падини од карпите, на пример. Ми се допаѓа идејата да се тркам крај падини од карпи, надолу по карпите, над море и назад до кањонот. Стратегијата околу ветрот и аеродинамиката исто така ќе бидат клучни“.

Навистина звучи како трките во филмот Star Wars: The Phantom Menace. „Апсолутно. Сите го имаме видено тој филм и се заљубивме во таа идеја. Сите ја гледаат сличноста во тоа што го правиме ние. Навистина е возбудливо што го оживуваме тој дел. Но Airspeeder е инспирирани и од други култни филмови како Back To The Future, Blade Runner, The Fifth Element… „Долго време се подготвуваме за летечки автомобили во нашата култура“, истакнува Пирсон.

Airspeeder

Пирсон не открива кој ќе се натпреварува во првата сезона, но истакнува дека имал многу пријави, особено откако ја покажал својата технологија на конвенцијата на US Air Force за летечки автомобили наречена Agility Prime. „Сакаме да имаме повеќе апликации. Имаме одлична мешавина на поранешни воени пилоти, комерцијални пилоти, пилоти на дронови, како и мотоспорт ѕвезди кои ова го гледаат како следната голема работа во авто мото спортот. Да се гледа натпреварувањето меѓу сите овие различни личности со различни позадини ќе биде интересно“.

Пирсон има солидно искуство зад себе во претприемништвото. Првите сериозни пари ги заработил во бизнисот со софтвери и ја основал компанијата за телекомуникациски сателити наречена Fleet Space Technologies која сега соработува со вселенските компании како SpaceX и Rocket Lab. Пирсон не крие и дека би сакал да биде еден од првите Airspeeder пилоти, но не е сигурен дека неговиот тим ќе му дозволи такво нешто, бидејќи не е баш најдобриот избор.

Airspeeder

Самиот тврди дека за време на тестирањата имал неколку падови. „О, да. Кршењето и брзата поправка се важни. Мораме да разбереме како возилата имаат судир на истиот начин како што обичните автомобили минуваат низ тестови за издржливост. Ги туркаме нашите возила навистина силно. Нашата цел е исто така да ја разбереме динамиката, како ќе се чувствуваме под стрес во овие околности“.

Пирсон признава дека првично летечките автомобили ќе бидат толку скапи што само најбогатите луѓе ќе можат да си го дозволат. „Луѓето кои поседуваат свој хеликоптер, на пример, би можеле да имаат свој Airspeeder. Прво, ќе има луксузни летечки возила и воздушни таксиња, но евентуално ќе има возила за голем број луѓе. Она на што сме фокусирани во Alauda се премиум перформансни возила, луксузен eVTOL за приватна употреба. Но, со текот на времето овие технологии ќе стигнат до остатокот од индустријата. Навистина се надевам дека луѓето ќе можат да искусат летечки автомобил од прва рака во следните 10 до 15 години“.

Airspeeder тест возилата покажуваат дека основната технологија за летечки автомобили веќе постои. Но, Пирсон потенцира дека технологијата на батеријата ќе мора да се подобри. Исто и системите за избегнување судири и управување во сообраќајот. Тој се надева дека идните 5G и 6G мрежи ќе понудат дополнителна ширина на опсег потребна за компјутерите на безброј летечки возила да комуницираат во воздух, со тоа избегнувајќи судири. „Сите возила мора да бидат способни да комуницираат меѓу себе“, вели тој. „Ако сакате да имате толку многу возила во воздухот во футуристичкиот свет за кој сонувате, не можете да имате контролори за воздушен сообраќај. Морате да имате автоматски систем за управување со сообраќајот“. На крајот, Пирсон потенцира дека летечките автомобили, според проценката на компанијата Morgan Stanley, ќе создадат индустрија од 1,5 билиони долари.