Се чини дека целиот „хајп“ околу документарецот The Last Dance за Мајкл Џордан и последната сезона на Chicago Bulls стана инстант хит, а тоа сигурно помогна во продажбата на Air Jordan патиките од првата едиција потпишани и носени од страна на самиот Мајкл Џордан.

Истата вечер кога беа емитувани последните две епизоди од документарниот серијал во 10 продолженија, потпишан пар патики Air Jordan 1 кои лично неговото „летечко височество“ ги носел за време на неговата „rookie“ сезона во 1984/1985 беа продадени за 560.000 долари од страна на Sotheby’s аукциската куќа, со што стана најскапо продадените патики забележани во историјата.

CNBC пренесува дека овие легендарни патики ја надминале очекуваната сума за дури три пати, откако ерупцијата во наддавањето надмина 300.000 долари во последните 20 минути. Конечната сума лесно го надмина претходниот рекорд, кој беше во сопственост на Nike Waffle Racing Flat Moon Shoes од 1972 година, кои беа продадени за 437.500 долари во 2019 година. Од Sotheby’s не го открија името на купувачот и продавачот, но истакнаа дека наддавањето се одвивало на четири континенти.

Овие Air Jordan 1 од 1985 година кои Џордан ги носел за време на натпревари со традиционалната црвено-бела боја на Bulls и се потпишани од страна на легендарниот кошаркар со перманентен црн маркер, ги прави уште повредни од било кои други патики потпишани од страна на „летечкиот Џордан“.

Air Jordan

„Ова не само што ја покажува неверојатната привлечност на Мајкл Џордан како еден од најпрепознатливите и најлегендарните спортисти на сите времиња, туку и дека колекционерството на патики е навистина глобален и растечки пазар“, изјави Брам Вахтер, директорот на Sotheby’s за развој на е-трговија.

Џордан не сакал да чуе за Nike, сакал договор со Adidas

И додека Air Jordan брендот со години е најуспешниот „spin off“ бренд на патики некогаш, Џордан потврди во документарецот The Last Dance дека најмногу сакал да потпише спонзорски договор со Adidas кога имал 21 година и воопшто не сакал да чуе за Nike. Сепак, неговиот агент истакнал дека го насочил легендарниот NBA играч да потпише договор со американскиот производител на спортска опрема, кој во тоа време имал спонзорски договори со спортисти кои се занимавале со тенис, бокс и останати индивидуални спортови, а се друго е историја.

Air Jordan

„Adidas навистина беше дисфункционален во тоа време. Тие само ми рекоа: ‘Види, ние би сакале да го имаме Џордан, само што не можеме да направиме успешни патики во ова време’. Сакав да го упатам Мајкл да потпише со Nike бидејќи беа во подем“, изјави Дејвид Фалк, агентот на Џордан.

Џордан против своите желби и по убедувањата од страна на неговата мајка да ги ислуша луѓето од Nike, одлучува да потпише договор со американската компанија за 250.000 долари, која потоа ги создава специјалните кошаркарски патики Air Jordan како signature патики на Џордан кои се вистински класик. Очекувањата на Nike биле дека кон крајот на четвртата година од договорот ќе продадат Air Jordan патики во висина од 3 милиони евра, но веќе по првата година патиките станале инстант успех, откако Nike продал патики во вредност од 126 милиони долари.