Она што луѓето често го забораваат е дека Адам Сендлер знае да глуми. Веројатно само кога сака. Во спротивно, за многу од своите филмови добива лоши критики, награди за најлош филм, актер, продукција.
Но, секогаш насмеаниот комичар, понекогаш знае и да излезе од својот кожурец на хумор и да ги воодушеви критичарите со некоја сериозно добра улога.
Веројатно тоа е случај овој пат, бидејќи низ холивудските критичарски кругови кружат гласините дека Адам Сендлер може да се закити со златното човече на Академијата, благодарение на неговата изведба во филмот Uncut Gems. Неговиот лик во овој трилер е харизматичен златар од Њујорк со големи амбиции, проблем со коцкање и превртлива природа. Насмевката на крајот на најавата за филмот, кажува дека ова не е Адам Сендлер од Waterboy.
Дали ќе влезе во трката за Оскар, останува да видиме. Дотогаш, погледнете ја најавата, а филмот очекувајте го во кино салите од 13 декември.