Што е она кое не го знаете за најозлогласените затвори на планетата. Ако постои „пекол на Земјата“, ова се дефинитивно „амбасадите“

Доколку сите затвори на планетава претставуваа една држава, бројката на жители денес ќе надминува неверојатни 11 милиони! Доколку пак, денес се одржат претседателски избори во оваа замислена држава, многу е веројатно дека победник би бил американец. Само во САД, во моментов затворите ги окупираат преку 2 милиони граѓани. Тоа значи дека на секои 100.000 граѓани, скоро 700 се осуденици. Иако не Ви посакуваме никогаш да станете дел од оваа популација, претставуваше предизвик да ги истражиме и да ги откриеме најозлогласените затвори на планетата.

Алкатраз, Сан Франциско – САД

Името „Алкатраз“ е веројатно првото нешто кое ќе Ви падне на ум кога ќе се спомене затвор. Познат како „Ѓаволската карпа“ и изграден на остров на неколку километри од брегот на Сан Франциско во 20-тите години од минатиот век, затворот Алкатраз особено се здоби со популарност низ холивудските филмови.

затвори

 

Постои мит дека бегство од Алкатраз е невозможно, но според официјалните податоци, забележани се вкупно 14 обиди за бегство од страна на вкупно 36 затвореници. Федералните власти тврдат дека ниту еден од нив не успеал да побегне: 23 затвореници биле спречени и вратени, 6 биле застрелани, 2 се удавиле, а за 5 затвореници официјалната верзија гласи „исчезнати под претпоставка дека се удавени“.

Сепак, освен екстремно ладната океанска вода и силната водена струја, како и повремените посети на ајкули во околината на островот, утврдувањето на затворот не е она кое е носител на урбаната легенда за најозлогласен затвор на светот. Малку е познато дека вработените службеници во периодот на активно функционирање на затворот имале воведено режим на комплетна тишина и забрана за каква било комуникација помеѓу затворениците.

Ова доведувало огромен дел од нив до степен на лудило. Замислете, се наоѓате затворен на ѓаволска карпа среде океан, а згора на тоа не Ви е дозволено да изговорите ниту еден единствен збор со години. За среќа на денешните затвореници, Алкатраз веќе не функционира како активен затвор, туку само како туристичка атракција.

Атика, Њу Јорк – САД

затвориИако изгледа како полесен за бегство, затворот Атика во Њу Јорк спаѓа во категоријата „supermax“ затвори од кои е практично невозможно да се побегне. Изграден во 1930 година, овој затвор стана центар на вниманието во САД во 1971 кога преку 2.200 затвореници организираа бунт во кој заробија 33 вработени.

Бунтот за обезбедување на подобри услови за живот за затворениците комплетно излегол од контрола и во неколкудневните преговори, доаѓа до смрт на 39 луѓе – затвореници и вработени во затворот.

Камп 1391, Тел Авив – Израел

Невозможно е да не го вклучиме во листата, а практично и немаме скоро никакви информации за овој затвор. Лоциран на помалку од еден час од Тел Авив во Израел, се претпоставува дека затворот e изграден во 30-тите години од минатиот век, а за неговото постоење светот дознава дури во 2003 година. Замислете само какво е нивото на безбедност кога повеќе од 70 години јавноста не била запознаена дека затворот воопшто постои. Според израелските власти, затворот е наменет за затвореници од висок ризик.

затвориКамити, Најроби – Кенија

Затворот Камити во Кенија има капацитет за неколку стотици затвореници, но во текот на една календарска година низ ќелиите поминуваат и десетици илјади! Се прашувате зошто? Бидејќи епидемиите на колера се секојдневна појава. Во Кенија се вели дека и неколку месечна затворска казна во Камити е еднакво на смртна пресуда.

Битурка, Москва – Русија

Најголемиот централен транзитен затвор во Москва е озлогласен поради бруталноста и невозможните услови за живот. Регистрирани се периоди во кои во затворот имало и до 20.000 затвореници во исто време, а во ќелии наменети за 10-тина луѓе во некои моменти имало и до 100 затвореници! Во текот на долгогодишното постоење, повеќе пати се забележани епидемии на СИДА и туберкулоза.

Сан Хуан де Луриганхо, Лима – Перу

Познат како затвор во кој не важат апсолутно никакви закони и правила. Оригинално изграден за да вдоми 2.500, денес во најозлогласениот затвор на територијата на Јужна Америка има преку 7.000 затвореници! Карактеристично е што затворот претставува своевидна „држава во држава“ – чуварите се грижат само за тоа никој да не ги напушти ѕидините, а во нив има посебна „затворска власт“ – затворениците сами го контролираат затворот, организираат пазар на кој можат да се купат и продадат разни гаџети, цигари, телевизори или телефони, овозможен е пристап на проститутки, а голем дел од затворениците поседуваат и оружје и сами меѓу себе си „пресудуваат“ по настанатите недоразбирања.

Ле Санте, Париз – Франција

Иронично, името на затворот во буквален превод значи „Здравје“, но кога веќе ги читате овие редови, претпоставувате дека ниту оваа казнено поправна установа во Париз нема никаква допирна точка со здравјето! Иако малку е познато како точно изгледа затворот и што се случува во него, ретките кои успеале да преживеат и да ги одлежат своите затворски казни раскажуваат дека токму таму се наоѓа вистинскиот пекол на земјата!

затвори

Во разни податоци се спомнуваат специјални простории за измачување на затворениците – физичко и психичко, што резултира со неверојатен просек од 70 па сè до 120 самоубиства во затворот на годишно ниво! Најсигурната варијанта за брзо скратување на своите маки затворениците ја имаат пронајдено во консумирање на средствата за чистење. Ваше е само да замислите што точно се случува во овој затвор кога стотици затвореници секоја година се решаваат за самоубиство.

За жал или за среќа, многу малку е познато за животот во најголем дел од затворите ширум светот, но по она кое успеавме да го истражиме и анализираме, веруваме дека Ви претставува големо олеснување што во моментов слободно ги читате овие редови и не сте зад решетки.

Затворите во Холандија – нови домови за бегалци или бездомници

Како контраст на најозлогласените, земјите со ниска стапка на криминални активности и осуденици имаат „слатки маки“. По скоро 50% намалување на затворениците во Холандија во последните 2 години, властите решија голем дел од затворските капацитети да ги адаптираат и да ги користат како домови за бегалци или бездомници. Дел од затворите се преадаптираат и во co-working простории за млади претприемачи.

затвори

Пренаселеност на затворите

Најголем проблем на затворениците ширум светот е пренаселеноста на затворите. Во земји како Хаити или Филипините, има затвореници дури 4 пати повеќе отколку што има место во самите затвори.