Издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава по третпат го организираат конкурсот за наградата „Пегаз“, за најдобар необјавен роман на годината. Конкурсот беше отворен на 28 април и траеше до 31 мај. И оваа, како и претходните две години, одѕивот беше голем, па така, годинава, во конкуренција за наградата ќе бидат 44 ракописи.
Во периодот што следува, пристигнатите ракописи ќе ги оценува тричлена жири-комисија, во состав: д-р Владимир Мартиновски, универзитетски професор на катедрата по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, Фросина Пармаковска, писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2017 година, и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“.
Наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 29 октомври 2021 година.